ПРВ.мк
Магазин

Почна најстрогиот пост во православието: Богородичниот пост – Што НЕ СМЕЕТЕ да јадете и зошто е важен токму за жените!

Почна најстрогиот пост во православието: Богородичниот пост – Што НЕ СМЕЕТЕ да јадете и зошто е важен токму за жените!

Денес, на 14 август, започнува Богородичниот пост – последниот од четирите големи пости во православната црква, и според многумина, најстрогиот по својата суштина и духовна тежина. Тој го претходи големиот празник Успение на Пресвета Богородица, кој се слави секоја година на 28 август, а кај народот е познат како Голема Богородица.

Постот започнува токму на денот кога црквата ги слави седумте Макавејски браќа и нивната мајка, кои пострадале маченички. Според преданието, Богородичниот пост бил востановен во спомен на самата Пресвета Богородица, која последните денови од својот живот ги поминала во пост, тишина и молитва.

Од кога датира Богородичкиот пост?

Иако е најмладиот од четирите големи пости, тој има длабоки корени во православната традиција. Првпат се споменува во 826 година во списи на свети Теодор Студит, а како посебен пост бил официјално утврден на Цариградскиот собор во 1166 година.

Какви се правилата за Богородичкиот пост?

Овој пост се разликува по својата исклучителна строгост. Во текот на две недели – од 14 до 28 август – не се јаде месо, јајца, млечни производи, риба (освен на одредени денови), масло и вино. Специфично:

  • Од понеделник до петок се јаде само храна подготвена на вода (строг пост)
  • Сабота и недела се дозволени масло и вино
  • На празникот Преображение Господово (19 август) се дозволува риба
  • Ако Голема Богородица падне во среда или петок, се дозволува риба, вино и масло

Според народната традиција, младото грозје не се вкусува до Преображение, кога прво треба да се освети во црква.

Постот не е само за храната – туку и за душата

Богородичниот пост е време на длабоко покајание, молитва и духовно прочистување. Целта не е само воздржување од одредена храна, туку ослободување од лошите мисли, дела и навики, и приближување кон Бога. Тоа е период кога се повикуваме да го следиме примерот на Богородица – со смирение, тивкост и добрина.

Зошто постот е особено значаен за жените?

Бидејќи е посветен на Пресвета Богородица – Мајката Божја, постот има особено значење за жените, мајките и сите кои се надеваат на мајчинска закрила. Во народната традиција постои верување дека токму во овој пост, молитвите на жените се особено силни и чуени од Богородица.

Обичаи за почетокот на постот

Во народната култура, првиот ден од постот е поврзан со вода и босилек – кој се смета за „Божја билка“. Затоа, домаќинките ставаат босилек во храната, верувајќи дека тоа носи здравје и благослов за семејството.

Крајот на постот – Свето причестување

Богородичкиот пост завршува на 28 август, кога верниците ја одбележуваат Голема Богородица, празник кој се смета за еден од дванаесетте најголеми празници во православието. Тогаш, многу верници се подготвуваат за света причест, што го означува духовниот врв на целиот пост.

Escape