ПРВ.мк
Балкан

Вучиќ уверува: „Нема да дозволам граѓанска војна во Србија“

Вучиќ уверува: „Нема да дозволам граѓанска војна во Србија“

Во едно од најбурните ноќи во поновата историја на Србија, претседателот Александар Вучиќ излезе со остра порака: „Нема да има граѓанска војна!“ Ова доаѓа откако илјадници демонстранти излегоа на улиците низ целата земја, со судири, напади и тензии што кулминираа со повеќе од 80 повредени во Нови Сад, меѓу кои и 16 полицајци.

Вучиќ соопшти дека во просториите на Српската напредна странка (СНС) во Нови Сад, биле повредени 64 поддржувачи на партијата, а ситуацијата ја нарече „тешка вечер за граѓаните на Србија“. Според него, напаѓачите се организирале да предизвикаат насилство и дестабилизација, но државата, вели тој, нема да дозволи да се случи „граѓански конфликт“.

Сепак, Вучиќ не даде коментар за снимките што кружат по социјалните мрежи, каде што се гледаат маскирани мажи со шипки како удираат граѓани во Нови Сад, наводно поддржувачи на СНС. Според локални медиуми, тие користеле и пиротехника врз демонстрантите.

„Ќе бидат строго казнети сите што тепаат, се закануваат и организираат напади, без разлика на политичката припадност“, изјави Вучиќ од седиштето на МВР во Белград, каде што одржа вонредна прес-конференција околу полноќ.

Во изјавата, тој рече дека во Нови Сад имало 1.065 демонстранти, а нападите врз зградата на СНС биле организирани од повеќе страни. „Тоа беше добро испланиран напад, со цел предизвикување немири“, тврди Вучиќ.

Во Белград, пак, според него, протестирале над 3.000 граѓани, каде полицијата интервенирала со солзавец за да растера групи антивладини демонстранти. Засега нема официјални информации за повредени демонстранти, иако снимки и сведоштва укажуваат на жестоки судири.

Протестите се реакција на трагичниот инцидент од ноември 2024 година, кога се урна бетонска настрешница на железничката станица во Нови Сад, при што загинаа 16 луѓе. Оттогаш, антикорупциските движења ја потресуваат земјата, со се почести изливи на насилство.

Во Врбас и Бачка Паланка, исто така се случиле тензични сцени – маскирани лица фрлале факели, камења и шишиња, а дел од нив биле вооружени со палки. Се судриле со демонстранти кои бараат одговорност и отчетност од власта.

И покрај жестоката реторика, Вучиќ заклучи со повик за дијалог: „Нема да ја извадиме војската. Ги поканувам сите – седнете, разговарајте. Србија мора да остане мирна.“

Escape