Додека многумина сонуваат за рана пензија и одмор, реалноста на европскиот пазар на труд е сосема поинаква. Најновите податоци на „Дестатис“ за 2024 година откриваат дека Европа забрзано старее, а работните места се полни со ветерани кои сè уште не планираат да ги остават своите бироа и машини.
Германија на врвот: Секој четврти работник е пред пензија! Германија официјално го држи тронот како земја со најстаро работно население во Унијата. Речиси 24% од вработените во оваа економска велесила се на возраст меѓу 55 и 64 години. Тоа значи дека скоро 10 милиони луѓе во Германија сè уште активно придонесуваат во стопанството иако се на прагот на седмата деценија од животот. Причините? Комбинација од подоцнежно пензионирање (просекот сега е 64,7 години) и укинување на моделите за предвремено напуштање на работата.
Кој е во „клубот на старите“, а кој има „млада крв“? Германија не е сама во овој тренд. Веднаш зад неа се наоѓаат земји каде искуството доминира над младоста:
- Италија го зазема второто место со 23% постари работници.
- Бугарија е трета со удел од 22,3%.
Од друга страна, ако барате млади работни колективи, треба да погледнете кон Малта, каде само 10,8% од вработените се над 55 години, или кон Луксембург (12,8%) и Полска (15,2%).
На ниво на цела ЕУ, просекот изнесува околу 20%, што значи дека секој петти работник во Европа наскоро ќе треба да биде заменет со нов кадар – предизвик кој допрва ќе ги мачи европските менаџери.

















