Многумина со години веруваат дека мајонезот е главниот виновник за стомачните проблеми по летните пикници и скара-забави, но експертите предупредуваат дека вистинската опасност најчесто доаѓа од сосема други намирници и лошото чување на храната.
Според стручњаците за безбедност на храната, најголем ризик претставува храната која подолго време стои на топло. Високите температури создаваат идеални услови за брзо размножување на опасни бактерии, особено кога храната е изложена на сонце или се чува надвор од фрижидер.
Меѓу најризичните производи се свежите салати и лиснатиот зеленчук. Иако важат за здрав избор, токму тие често се поврзуваат со бактериски инфекции поради можна контаминација при одгледување, транспорт или подготовка.
Опасност може да претставува и исеченото овошје. Откако ќе се отстрани природната заштитна кора, овошјето станува поподложно на развој на бактерии, особено ако долго стои на високи температури.
Сепак, месото останува една од најчестите причини за сериозни труења со храна. Недоволно термички обработено пилешко, свинско или мелено месо може да предизвика сериозни здравствени проблеми, а дополнителен ризик е користењето на исти прибори за сурово и печено месо.
Експертите предупредуваат и на мразот, кој често се смета за безопасен. Доколку дојде во контакт со нечисти раце или контаминирани површини, тој може да стане извор на бактерии.
Главното правило е едноставно – храната не треба да стои повеќе од два часа на собна температура, а во екстремно топли денови овој период се намалува на само еден час.








