Не стивнуваат реакциите во Хрватска околу најавениот настап на Јелена Карлеуша во Водице, закажан за ноќта меѓу 15 и 16 август. Откако дел од јавноста побара концертот да биде откажан, а градоначалникот Анте Цукров најави разговор со организаторите, се огласи и српската пејачка.
Карлеуша тврди дека на социјалните мрежи во изминатите денови се шират нејзини стари изјави кои, според неа, се скратени и извадени од контекст, со што се создава погрешна слика дека има негативен став кон хрватскиот народ.
Пејачката нагласи дека нејзините претходни критики биле насочени кон одредени политички кругови и конкретни политички и општествени случувања, а не кон граѓаните на Хрватска.
Таа порача дека и кога зборувала за чувствителни историски теми, нејзината намера била да предупреди на опасноста од користење на минатото за создавање нови поделби и нетрпеливост меѓу народите.
Карлеуша потсети и дека претходно повеќепати настапувала во Хрватска без проблеми и дека таму доаѓала исклучиво поради музиката и публиката.
„Во Хрватска сум настапувала повеќепати, никогаш не сум доаѓала да провоцирам, туку исклучиво да пеам“, порача таа.
Пејачката апелираше до организаторите и локалните власти да не подлегнуваат на притисоците за откажување на концертот, посочувајќи дека голем дел од местата во клубот веќе се резервирани.
„Јелена Карлеуша не е непријател на хрватскиот народ, ниту на кој било друг. Не сум некој што доаѓа да провоцира, доаѓам исклучиво како уметник кој сака да се дружи со публиката“, порача Карлеуша.
На крајот таа истакна дека никогаш не ги делела луѓето според нивната националност и дека нема намера тоа да го прави ниту сега.
Засега останува да се види дали настапот во Водице ќе се одржи според планираното или реакциите во Хрватска ќе доведат до промена на одлуката.








