Официјалната туристичка платформа на Туркије - GoTurkiye, продолжува да ја користи формата на креирање и емитување на кратки мини-серии, како начин за раскажување современи приказни сместени во познати турски градови. Преку овие проекти се поврзуваат локалните пејзажи, културното наследство и секојдневниот урбан живот на тие туристички дестинации, со наративи што се разбирливи за широката глобална публика и на тој начин се зголемува нивната видливост за потенцијалните посетители.
На YouTube каналот на GoTurkiye веќе се достапни два нови вакви проекти. Еден од нив е мини-серијата „Скриен љубовник“, романтична комедија од 10 епизоди чие дејствие е сместено во Анталија. Преку еднодневно патување низ заливи, антички градови, кањони и локална гастрономија, оваа приказна ненаметливо ги претставува различните слоеви на Анталија, како и привлечноста на овој медитерански град во текот на целата година.

Платформата го претстави и мини серискиот проект „Приказна од Истанбул“, составен исто така од 10 епизоди. Историскиот и културниот центар на Туркије, Истанбул, во оваа приказна не се доживува само како позадина, туку како активен дел од наративот, инспиративно прикажувајќи како историјата и современиот живот се испреплетуваат низ локации како што се Бејоглу, Нишанташи, Галата Куледиби и брегот на Босфорот.
Развиени од Турската агенција за промоција и развој на туризмот (TGA), овие серии се дел од пошироката дигитална стратегија на GoTurkiye за промоција на дестинациите на земјата преку раскажување романтични приказни. Претходните проекти „Анталија Гамбит“ и „Истанбул, љубов моја“, веќе постигнаа значителна меѓународна гледаност, што се одразува и преку растот на YouTube каналот на оваа платформа, која веќе брои над 5,3 милиони претплатници.
Со последните две мини серии, „Скриен љубовник“ и „Приказни од Истанбул“, GoTurkiye продолжува да ги претставува турските градови преку човечки емотивни приказни, но со јасна видливост на природните убавини, културата и историските знаменитости на тие локации, од тиркизните плажи и античките локалитети на Анталија, до трагите од минатото, но и космополитскиот дух и современиот начин на живот на Истанбул.
















