Македонскиот рубин и официјално доби статус на заштитено национално минерално наследство, со што е направен значаен чекор во зачувувањето на едно од највредните природни богатства на земјата. Одлуката ја соопшти министерката за енергетика Сања Божиновска, која истакна дека со ова се заокружува процесот на заштита што започна во септември минатата година.
„Го заштитивме македонскиот рубин. Му благодарам на Геолошкиот завод за соработката. Веќе имаме нешто автентично македонско што е официјално заштитено. Продолжуваме со активности за заштита и на одредени видови мермер“, изјави Божиновска.
Македонскиот рубин е редок полускапоцен камен, препознатлив по својата карактеристична малиново-розева боја, која се должи на присуството на хром во неговата кристална структура. Геолозите го сметаат за исклучителна природна појава, бидејќи се наоѓа само во околината на Прилеп и на планините во Мариово.
Токму поради својата реткост и специфичните геолошки карактеристики, македонскиот рубин се смета за единствен природен рубин во копнена Европа што се експлоатира и обработува локално. Освен високата минералошка и колекционерска вредност, тој претставува и симбол на природното и културното наследство на Македонија.
По заштитата на рубинот, Министерството најавува дека следната цел ќе биде заштита на одредени видови македонски мермер, со намера и тие да добијат соодветен статус и да бидат препознаени како национално минерално богатство.









