ПРВ.мк
Магазин

Газдите што заменуваат работници со AI би можеле да плаќаат нов данок

Газдите што заменуваат работници со AI би можеле да плаќаат нов данок

Вештачката интелигенција сè повеќе го менува пазарот на трудот, а големите компании веќе ја користат како причина за намалување на бројот на вработени. Додека корпорациите зборуваат за ефикасност и поголема продуктивност, економистите предупредуваат дека масовната замена на работници со AI може да создаде сериозен економски проблем.

Според нов научен труд од економисти од Универзитетот во Пенсилванија и Бостон, компаниите влегуваат во таканаречена „стапица за отпуштање“. Поединечно, секоја фирма штеди пари кога заменува работник со технологија. Но, кога истото го прават сите, се намалува бројот на луѓе со плата, а со тоа и потрошувачката.

На тој начин, автоматизацијата може да почне да го јаде сопствениот профит. Пазар без луѓе што купуваат производи и услуги станува слаб пазар, без разлика колку е напредна технологијата.

Авторите анализирале повеќе можни решенија, меѓу кои преквалификација и универзален основен приход, но заклучиле дека тие не ја менуваат одлуката на компаниите да отпуштаат. Единствена мерка што би можела директно да влијае е данок на автоматизација.

Идејата е фирмите да плаќаат посебен данок кога заменуваат работници со вештачка интелигенција, слично како што загадувачите плаќаат за штетата што ја прават врз животната средина.

Економистите предупредуваат дека без ваков механизам, трката по автоматизација може да донесе краткорочна добивка за компаниите, но долгорочно да создаде невработеност, послаба побарувачка и нестабилна економија.