ПРВ.мк
Магазин

Зошто исчезнуваат протеинските прашоци и шејкови од продавниците?

Зошто исчезнуваат протеинските прашоци и шејкови од продавниците?

Протеинските производи стануваат сè потешко достапни на германскиот пазар, откако огромната побарувачка предизвика недостиг на клучната суровина – протеинот од сурутка (whey). Производителите предупредуваат дека кризата нема брзо да заврши, а потрошувачите веќе се соочуваат со празни полици и повисоки цени.

Во последните години протеинските прашоци, шејкови, плочки, пудинзи, сладоледи, па дури и кафе збогатено со протеини станаа исклучително популарни. Сепак, млечната индустрија не била подготвена за ваквата експлозија на побарувачката. Само во првите пет месеци од 2026 година продажбата на протеински прашоци во Германија пораснала за дури 85 проценти.

Како резултат на тоа, бројни познати брендови веќе исчезнуваат од полиците, а големи трговски синџири потврдуваат дека производителите не можат да ги испорачаат нарачаните количини.

Недостигот дополнително се продлабочил поради намалениот извоз на протеин од сурутка од САД, каде што домашната побарувачка значително пораснала. Експертите сметаат дека на тоа влијаело и сè поголемото користење лекови за слабеење, како Оземпик, при што се препорачува исхрана богата со протеини.

Поради недостигот, цената на концентратот од протеин од сурутка се удвоила од почетокот на годината, додека цената на висококвалитетниот изолат пораснала за повеќе од 40 проценти. Производителите веќе ги зголемуваат цените, а експертите предупредуваат дека нови поскапувања се очекуваат кога ќе истечат постојните договори со добавувачите.

Индустријата веќе инвестира во проширување на производствените капацитети, но изградбата на нови погони ќе трае најмалку две до три години. До тогаш, потрошувачите ќе мора да се соочуваат со ограничена понуда и повисоки цени на протеинските производи.