Научници од биомедицина направија значаен пробив во истражувањето на еден од најагресивните тумори на мозокот – глиобластом.
Тимот од Универзитетот во Торонто, во соработка со Универзитетите во Отава и Милано, предводен од хрватскиот научник Игор Штагљар, открил нова клучна улога на протеинот CLIC1. Истражувањето е објавено во научното списание „Signal Transduction and Targeted Therapy“.
Според научниците, CLIC1 делува како еден вид „електричен прекинувач“ кој му помага на туморот да расте и да се шири. Во клетките на глиобластомот, овој протеин се преместува на нивната површина и создава канали преку кои туморот добива сигнали за преживување.
Откритието покажува дека CLIC1 е клучен посредник меѓу два важни рецептори поврзани со растот на туморот – EGFRvIII и OSMR. Нивната „комуникација“, која го одржува туморот активен, не може да функционира без овој протеин.
Научниците го опишуваат овој механизам како потенцијална „Ахилова пета“ на глиобластомот, бидејќи блокирањето на CLIC1 би можело да ја прекине оваа штетна комуникација и да го забави растот на туморот.
Дополнително, истражувачкиот тим развил експериментално антитело кое го таргетира токму овој протеин. Во претклинички тестирања на животни, резултатите покажале значително забавување на растот на туморот без оштетување на здравото ткиво.
Иако резултатите се охрабрувачки, научниците нагласуваат дека ова сè уште не е лек за луѓе, туку рана фаза на истражување што може да отвори нови правци во третманот на ова тешко заболување.







