Дубаи, кој со години важеше за главен центар за инфлуенсери, познати личности и дигитални номади што бараат луксуз и даночни поволности, сè почесто останува зад нив. Поради растечката нестабилност на Блискиот Исток, многумина веќе гледаат кон нови дестинации што нудат безбедност, престиж и покомфорен живот.

Меѓу најпосакуваните нови локации се Кајманските Острови, Бермуди и Порторико, кои привлекуваат со поволни даночни услови, тропска клима и висок животен стандард. Во Азија, се издвојуваат Куала Лумпур и Бали, каде инфлуенсерите гледаат комбинација од пониски трошоци, атрактивен животен стил и силен туристички потенцијал.
На листата остануваат и добро познати гламурозни дестинации како Мајами, Шангај и Монако, кои и натаму нудат луксуз, динамика и престиж. Но, вниманието сè повеќе го привлекуваат и помирни, но елитни места каде може да се живее удобно, а истовремено да се гради силен онлајн имиџ.

Во Европа, сè повеќе се споменува и Црна Гора како нова растечка дестинација за влијателни луѓе од светот на социјалните мрежи. Особено се издвојуваат Бока Которска и крајбрежјето, кои со спектакуларните пејзажи, новите луксузни комплекси и марини стануваат сè попривлечни за богатите странци.
Токму затоа, трендот е јасен – инфлуенсерите повеќе не гледаат само даночен рај, туку бараат и стабилност, ексклузивност и нова сцена на која ќе го продолжат својот луксузен живот.










