ПРВ.мк
Свет

Големите сили ја закочија резолуцијата за Ормут: нема зелено светло за сила против Иран

Големите сили ја закочија резолуцијата за Ормут: нема зелено светло за сила против Иран

Планот што можеше да отвори врата за употреба на сила во Ормутскиот теснец засега е стопиран, откако Русија, Кина и Франција се спротивставија на спорните формулации во нацрт-резолуцијата што ја турка Бахреин во Советот за безбедност на ОН. Според Ројтерс и АП, токму овие земји побарале да се отстранат деловите што би можеле да се толкуваат како одобрување за поширока воена акција против Иран.

Во првичната верзија на документот стоела формулација за „сите потребни средства“, но по силен отпор, текстот бил ублажен и изменет повеќепати. И покрај тоа, несогласувањата не се надминати, па гласањето е одложено, а документот останува без конечна поддршка.

Според извештаите, Бахреин и Обединетите Арапски Емирати сакаат меѓународен мандат за заштита на трговскиот сообраќај низ Ормут, но Москва, Пекинг и Париз предупредуваат дека секоја нејасна формулација може да послужи како правна основа за нова ескалација. Франција, според Ројтерс, турка помека варијанта поврзана со деескалација, додека Кина јавно се спротивставува на одобрување сила за повторно отворање на теснецот.

Во меѓувреме, дипломатската битка околу Ормут станува едно од клучните жаришта на кризата, бидејќи низ овој премин минува значителен дел од светската нафта и гас. Затоа, секој обид за воено решение предизвикува силни поделби во меѓународната заедница и страв од уште поширок конфликт на Блискиот Исток.