Македонија е меѓу земјите опфатени со нов договор што американската армија ѝ го додели на компанијата Colt’s Manufacturing Company за производство на карабини М4 и М4А1 за странски партнери. Според официјалното известување, вкупната максимална вредност на договорот изнесува 40.863.564 долари, а покрај Македонија, на листата се и Босна и Херцеговина, Ирак и Тунис.
Договорот е склучен како firm-fixed-price, indefinite-delivery/indefinite-quantity, што значи дека има фиксна цена, но испораките ќе се реализираат по нарачки, со рок на важност до 31 март 2031 година. Американската армија наведе и дека локациите на изведба и финансирањето ќе се утврдуваат со секоја поединечна нарачка.
Станува збор за оружје што со години е стандард во американските сили и кај бројни сојузници. М4 и М4А1 се препознатливи по нивната покомпактна конструкција, модуларност и можност за прилагодување со различна опрема, што ги прави погодни за современи пешадиски операции.
За Македонија, овој договор претставува уште еден чекор во насока на модернизација на пешадиското вооружување и понатамошно усогласување со НАТО стандардите. Земјата и претходно добиваше американски M4 карабини како дел од воената соработка со САД.










