Израелската телевизија „Кан“, која ја претставува земјата на Евровизија, реагираше по најавите дека неколку држави планираат да ја бојкотираат манифестацијата ако Израел учествува на натпреварот. Голан Јохпаз, главен извршен директор на „Кан“, потенцира дека Евровизија треба да остане културен настан, без мешање на политички влијанија.
Во последно време, радиодифузерите од Ирска и Холандија јавно изразија незадоволство и предупредија дека ќе ја бојкотираат Евровизија доколку Израел биде дел од конкуренцијата. Словенија, исто така, најави дека би се повлекла од натпреварот во ваков случај.
Покрај нив, и некои други земји, како што се Шпанија и Белгија, ги изразија своите резерви кон учеството на Израел. Белгискиот радиодифузер RTBF, кој е одговорен за изборот на претставник, сè уште ја разгледува ситуацијата и ќе донесе конечна одлука по Генералното собрание на Европската радиодифузна унија (EBU) во декември.
Фламанскиот радиодифузер VRT, кој ја емитува Евровизија на холандски јазик, ја поддржува одлуката на некои земји да се повлечат и истакнува дека ја задржува можноста да не ја пренесува манифестацијата во иднина доколку ситуацијата не се расчисти.
Овој развој настани ја доведува во прашање иднината на Евровизија и ја отвора дебатата за тоа дали политичките спорови ќе го засенат овој културен и музички собир.