Во трагичен настан што се случи вчера попладне, животот го загубија три лица – татко, ќерка и нејзиниот поранешен партнер. Според првичните информации од полицијата, станува збор за двојно убиство по кое следело самоубиство.
Настанот се случил во попладневните часови, кога 31-годишна жена била пронајдена со повреди од остар предмет и веднаш пренесена во болница, каде за жал, била констатирана смрт. Кратко потоа, во семејниот дом на истата адреса бил пронајден починат и нејзиниот татко (74), исто така со повреди од остар предмет.
Во истиот објект бил пронајден и 39-годишен маж, за кој постои сомневање дека е сторителот на нападот. Тој бил пронајден со тешки повреди во пределот на вратот. И покрај обидите на медицинските екипи за реанимација, и кај него била констатирана смрт.
Случајот веднаш бил пријавен во Секторот за внатрешни работи, а на местото на настанот интервенирале полициски екипи, Итна медицинска помош и јавен обвинител.
Од Јавното обвинителство соопштија дека трите тела се пренесени на обдукција, а од местото на настанот се одземени докази кои ќе бидат предмет на вештачење.
Според податоците на надлежните институции, против осомничениот маж во минатото биле поведени постапки за семејно насилство, а неодамна му била изречена мерка за забрана на приближување до поранешната партнерка. Случајот бил во завршна фаза во судот пред неговата ескалација.
Истрагата е во тек и се очекуваат дополнителни информации од надлежните органи.