ПРВ.мк
Магазин

ЕУ со нови правила: Нема компензанција за откажан лет поради недостиг на гориво, но цената на купен билет не смее да расте!

ЕУ со нови правила: Нема компензанција за откажан лет поради недостиг на гориво, но цената на купен билет не смее да расте!

Европската Унија подготви нови нацрт-упатства за справување со можни проблеми во снабдувањето со авионско гориво – вести што носат мешани чувства кај патниците.

Според документот на Европската комисија, авиокомпаниите ќе бидат заштитени од обврска да исплаќаат дополнителен надомест доколку се принудени да откажат лет поради привремен недостиг на гориво на одредени аеродроми. Сепак, патниците не остануваат без права – тие и понатаму ќе можат да бараат целосен поврат на средствата за билетот или алтернативен лет до својата дестинација.

Во Брисел нагласуваат дека моментално нема општа криза со снабдувањето, но предупредуваат дека локални недостатоци се можни, особено ако меѓународните конфликти ескалираат и го нарушат синџирот на снабдување.

Една од најважните точки во документот се однесува на цените на билетите – авиокомпаниите немаат право ретроактивно да ги зголемуваат цените на веќе купените билети, иако цената на авионското гориво речиси се удвоила од крајот на февруари.

За туристичките агенции важат малку поинакви правила – тие можат да ја зголемат цената на аранжманите до 8 проценти поради поскапеното гориво, но само ако клиентите бидат известени најмалку 20 дена пред патувањето.

Во меѓувреме, ЕУ потврди дека правилата за користење на аеродромските „слотови“ остануваат исти – авиокомпаниите мора да ги користат во обем од 80 проценти за да не ги загубат.