Меѓу европските држави, Лихтенштајн се издвојува како една од најатрактивните дестинации за работа и живот, благодарение на високите приходи и стабилната економија.
Според анализите на меѓународни индекси кои ги споредуваат платите, трошоците за живот и даночните услови, оваа мала алпска држава нуди просечна нето-плата од околу 8.250 евра месечно. Токму поради тоа често се наоѓа на врвот на листите за најпосакувани места за преселување.
Лихтенштајн се наоѓа помеѓу Австрија и Швајцарија и е познат по својот висок животен стандард, економска стабилност и исклучително ниска стапка на криминал. Дополнителна предност е и природната средина, бидејќи земјата е сместена во срцето на Алпите и нуди бројни можности за активен живот.
И покрај економската привлечност, преселувањето во Лихтенштајн не е едноставна задача. Поради ограничениот број жители и малата територија, државата издава ограничен број дозволи за престој и работа.
Голем дел од работната сила ја сочинуваат странски државјани, особено од соседните земји. Најголема побарувачка има за кадри од информатичката индустрија, финансискиот сектор, инженерските професии и здравството.
Иако добивањето дозвола за престој може да биде предизвик, многумина сметаат дека високите примања, квалитетот на животот и сигурноста ја прават оваа држава една од најпосакуваните дестинации за професионален развој во Европа.







