Кога температурите ќе се искачат над 35 степени, многумина инстинктивно се упатуваат кон ладен туш, убедени дека тоа е најбрзиот начин да го разладат телото. Сепак, експертите предупредуваат дека токму оваа навика не е најдобриот избор, а во одредени случаи може да има и несакани последици.
Иако ладната вода создава чувство на моментално освежување, таа всушност не ја намалува ефикасно внатрешната телесна температура. Кога телото е изложено на многу студена вода, крвните садови на кожата се стеснуваат, со што се намалува протокот на крв кон површината. Наместо телото полесно да ја ослободи насобраната топлина, таа останува „заробена“ околу внатрешните органи.
Лекарите предупредуваат дека наглиот премин од високи температури во многу ладна вода може дополнително да го оптовари кардиоваскуларниот систем. Кај лицата со срцеви заболувања тоа може да предизвика нагло покачување на крвниот притисок и нарушување на срцевиот ритам. Иако ваквите компликации се ретки, тие не треба да се потценуваат.
Од друга страна, ниту жешкиот туш не е добра опција. Топлата вода дополнително го загрева организмот и го отежнува природниот процес на ладење.
Според експертите, најдобро решение е млак туш со температура на водата од околу 26 до 27 степени. Таквата вода му овозможува на организмот постепено да се разлади без да доживее температурен шок. Дополнително, млаката вода подобро ги отстранува потта, себумот и нечистотиите од кожата, за разлика од студената вода која може да ги задржи во порите.
Доколку сакате дополнително да се освежите за време на топлотен бран, тоа правете го постепено. Наместо веднаш да се изложите на многу ладна вода, полека намалувајте ја температурата на тушот или прво разладете ги рацете и нозете. Така ќе му помогнете на телото природно да ја намали температурата, без непотребен стрес за организмот.









