Една од најпознатите и најфотографирани плажи во Грција, Наваџо на островот Закинтос, ова лето ќе остане целосно затворена за посетители поради сериозен ризик од одрони и лизгање на земјиштето. Одлуката ја донесоа локалните власти по најновите безбедносни проценки, а забраната за пристап ќе важи најмалку до 31 октомври.
Плажата Наваџо, која е препознатлива по легендарниот бродолом и тиркизното море, секоја година привлекува стотици илјади туристи од целиот свет. Сепак, оваа летна сезона посетителите нема да можат да стапнат на нејзиниот песок.
Според информациите, целата крајбрежна зона ќе биде затворена, а единствено ќе биде дозволено разгледување на заливот од видиковецот сместен високо на карпите над плажата. Сите пристапни патишта кон плажата веќе се обезбедени со заштитни бариери за да се спречи влегување на туристи.
Одлуката следува по новата проценка на ризикот, направена по неодамнешниот инцидент во кој американски турист падна од карпа и се здоби со повреди. Според експертите, честите одрони и нестабилноста на карпите претставуваат сериозна опасност за посетителите.
Ова не е првпат Наваџо да биде затворена. Во 2018 година дел од карпите се урнаа врз плажата, при што беа повредени неколку туристи. Дополнително, силниот земјотрес во 2022 година предизвика нови свлечишта и повторно ја отвори дебатата за безбедноста на оваа светски позната туристичка атракција.
Засега не е познато дали плажата повторно ќе биде отворена по 31 октомври. Локалните власти најавуваат дека конечната одлука ќе зависи од новите геолошки анализи и проценките за безбедноста на теренот.






