Дали повремениот пост навистина помага за слабеење? Ново истражување носи изненадувачки резултати
Повремениот пост со години се промовира како еден од најефикасните начини за губење на телесната тежина и подобрување на метаболизмот. Сепак, ново научно истражување покажува дека ограничувањето на времето за јадење само по себе не носи значајни резултати доколку не се намали и вкупниот внес на калории.
Студијата, објавена во реномираното списание Science Translational Medicine, ги следела испитаниците кои јаделе исклучиво во временски период од осум часа дневно, но консумирале иста количина калории како и претходно. Резултатите покажале дека кај нив нема подобрување на клучните метаболички показатели – како чувствителност на инсулин, ниво на шеќер во крвта или маснотии.
Со други зборови, ако се јаде исто количество храна, само во пократок временски период, ефектите врз слабеењето и метаболичкото здравје се минимални или целосно отсутни.
Сепак, истражувањето открило и еден интересен детал. Промената на времето на оброците влијаела врз внатрешниот биолошки часовник на телото – циркадијалниот ритам. Тоа значи дека времето на јадење може да има одредено влијание врз циклусот на спиење и будење, иако не обезбедува директни метаболички придобивки.
Научниците заклучуваат дека најголемиот дел од позитивните ефекти што им се припишуваат на повремените пости всушност доаѓаат од намалениот внес на калории, а не од самото ограничување на часовите за јадење.
Затоа, доколку повремениот пост се практикува без контрола на количината на храна, очекуваните резултати може да изостанат – без разлика колку е популарна оваа диета.
















