„Гугл“ започна со тестирање нова политика која може значително да го промени начинот на кој новите корисници го добиваат бесплатниот простор на „Џимејл“.
Според новите услови, наместо досегашните 15 гигабајти, новоотворените сметки во одредени случаи добиваат само 5 ГБ почетен простор. Оваа промена, како што објаснува компанијата, е дел од тест-период насочен кон подобро управување со складирањето податоци.
За да го добијат стандардниот бесплатен капацитет, корисниците ќе треба да поврзат телефонски број со својата сметка. По верификацијата, системот автоматски го активира целосниот простор од 15 ГБ.
Од „Гугл“ велат дека оваа мерка има за цел зголемена безбедност, полесно враќање на сметки и подобра заштита од лажни профили и спам. Информациите првично се појавиле кај корисници на онлајн платформи, каде што биле забележани промени кај ново креирани сметки.
Иако експертите сметаат дека ваквиот пристап може да помогне во намалување на злоупотребите, дел од јавноста изразува загриженост дека се зголемува потребата од споделување лични податоци.
Засега, промените се ограничени и не важат за сите региони, а постојните корисници не се засегнати. Останува отворено прашањето дали ова ќе стане глобална политика или само привремен тест на компанијата.






