Македонската православна црква и верниците утре го одбележуваат третиот ден од Божиќ и една од најголемите крсни слави – празникот посветен на Светиот првомаченик и архиѓакон Стефан. Овој ден има длабоко духовно и традициско значење и е особено почитуван во македонските домови.
Свети Стефан кај народот се смета за една од поголемите крсни слави, а со неа се поврзани бројни обичаи што се пренесуваат со генерации. Најпознатиот и најраспространет обичај е изнесувањето на божиќната слама од домот. Поради верувањето во нејзината плодотворна и заштитна моќ, сламата најпрво внимателно се мети и собира, а потоа се носи и остава во шталите, економските објекти, овоштарниците или меѓу пчелите, со цел да се поттикне родот, напредокот и благосостојбата во текот на годината.
Според традицијата, божиќната слама ја изнесуваат жените, и тоа тивко, за да не се „чуе“ заминувањето на Божиќ од домот. Метлата со која се метела сламата не се користи понатаму во текот на годината, туку се чува како симбол за здравје и заштита на семејството.
За славата Свети Стефан, народот шеговито знае да каже дека се празнува „скртички“, бидејќи по богатата и обилна божиќна трпеза, гостите тешко можат многу да јадат и пијат. Сепак, суштината на славата не е во трпезата, туку во заедништвото и духовната смисла.
Како и за сите крсни слави во Македонија, најважно е во домот да се постави славската погача пред иконата на светецот, да гори славската свеќа и да се соберат најблиските – роднините, кумовите и пријателите. Без нивното присуство, според народното верување, славата ја губи својата вистинска смисла.
Кој бил Свети Стефан?
Свети Стефан бил Евреин и роднина на апостолот Павле. Тој бил првиот од седумте ѓакони што светите апостоли ги ракоположиле во Ерусалим, со задача да им помагаат на сиромашните и да се грижат за потребите на заедницата, поради што ја добил титулата архиѓакон.
Со својата силна вера и посветеност, Свети Стефан правел бројни чуда меѓу луѓето. На своите противници им се спротивставувал со мудрост и со силата на Светиот Дух, што предизвикало гнев кај еврејските старешини. Бил обвинет дека хули на Бога и на Мојсеј и, врз основа на лажни сведоштва, бил осуден.
Пред да биде погубен, Свети Стефан им се обратил на луѓето, зборувајќи за добродетелите и милоста што Бог му ги подарил на израелскиот народ, но и отворено ги обвинил за предавство и за распнувањето на Христос. Набргу потоа бил изнесен надвор од градот и каменуван до смрт.
Меѓу оние што присуствувале на неговото мачеништво бил и Савле, негов роднина, кој подоцна ќе стане апостолот Павле. Страдањето на Свети Стефан, според преданието, го гледале и Пресветата Богородица и Свети Јован Богослов, кои усрдно се молеле за него.
Свети Стефан е првиот христијанин што го положил својот живот за Христовата вера и затоа во христијанството е познат како Првомаченик. Неговото тело тајно го зел и погребал еврејскиот кнез и христијанин Гамалил, на својот имот.
Празникот на Свети Стефан секогаш се слави на третиот ден од Божиќ и претставува една од најзначајните крсни слави во македонската традиција, исполнета со вера, обичаи и длабока духовна симболика.















