Германија размислува за воведување законско ограничување со кое децата под 13 години нема да можат самостојно да користат социјални мрежи. Причината е сè поголемата зависност од дигиталните платформи кај младите.
Според последните податоци, околу 350.000 деца и адолесценти во Германија се сметаат за зависни од социјалните медиуми, додека речиси 1,5 милиони ги користат во проблематичен обем.
Министерката за образование Карин Прин смета дека минималната возраст за самостојно користење на социјалните мрежи треба законски да се постави на 13 години, по можност преку заеднички европски правила. Предлогот предвидува и ефикасна проверка на возраста, како и дополнителни заштитни мерки за малолетниците до 18 години.
Во меѓувреме, независна експертска комисија предложи 56 препораки за подобра заштита на децата во дигиталниот свет. Меѓу нив се построга одговорност на платформите, побезбедни поставки за малолетници, содржини соодветни на возраста, полесно пријавување штетни објави и забрана за користење мобилни телефони во училиштата до седмо одделение.
Според студија на ОЕЦД, германските 15-годишници поминуваат во просек околу седум часа дневно пред екран, што ја рангира Германија меѓу земјите со најголема изложеност на дигитални содржини.
Експертите предупредуваат дека покрај зависноста од социјалните мрежи, сè поголем предизвик претставуваат и вештачката интелигенција, дипфејк-содржините и онлајн измамите, поради што бараат побрза реакција од институциите и поголема вклученост на родителите во дигиталното воспитување на децата.








