Технолошкиот гигант „Гугл“ работи на необичен, но амбициозен проект чија цел е намалување на популацијата на комарци што пренесуваат опасни заразни болести.
Компанијата побарала дозвола од американските регулатори за ослободување на милиони стерилни машки комарци во делови од Калифорнија и Флорида. Планот предвидува пуштање до 32 милиони инсекти во период од две години како дел од експериментална програма.
Основната идеја е користење машки комарци кои не касаат луѓе и не пренесуваат болести. Тие се носители на бактеријата волбахија, која природно се среќава кај многу инсекти. Кога ваков мажјак ќе се спари со женка во природата, потомство не се развива, што постепено доведува до намалување на бројноста на популацијата.
Проектот, познат под името „Дебаг“, е развиен во рамките на биотехнолошката компанија „Верили“, која е дел од групацијата „Алфабет“. Истражувањето е насочено кон видот Aedes aegypti, познат како преносител на болести како денга, зика, жолта треска и чикунгуња.
Слични програми веќе биле тестирани во неколку земји. Според достапните податоци, во Сингапур биле забележани значителни резултати, со драстично намалување на бројот на овие комарци и на случаите на денга.
Од компанијата сметаат дека ваквиот пристап може да стане важна алатка во глобалната борба против болестите што ги пренесуваат инсектите, а доколку проектот добие зелено светло, можно е негово проширување и во други делови од светот.







