Грција подготви нова стратегија за развој на туризмот со која сака да го намали притисокот од прекумерен број посетители, особено на најпознатите острови и туристички центри.
Планот е насочен кон заштита на природните и културните богатства, како и кон поодржлив развој на туризмот, наместо досегашниот модел на масовни посети што често ја оптоваруваат инфраструктурата.
Најголем фокус имаат дестинации како Санторини, Миконос и делови од Крит, каде локалните власти одамна предупредуваат дека бројот на туристи е над капацитетот на теренот.
Според новите мерки, туристичките области ќе бидат поделени според нивото на оптовареност. Во најпосетените зони ќе важат построги правила за изградба на нови сместувачки капацитети, повисоки еколошки стандарди и поголема контрола врз краткорочното изнајмување станови.
Целта е да се спречи понатамошно пренатрупување и да се зачуваат природните и културните локалитети, но и да се ублажи проблемот со растот на цените на недвижностите, кој сè повеќе ги погодува локалните жители.
Во исто време, Грција сака да го пренасочи туризмот кон помалку посетени региони и да поттикне посета во текот на целата година, а не само во летната сезона.
Новата стратегија вклучува и промоција на одржлив туризам, локална храна, културни рути и автентични искуства надвор од класичните туристички центри.
Со ова, властите се надеваат дека ќе се постигне рамнотежа меѓу економските придобивки од туризмот и зачувувањето на квалитетот на животот и природната средина.








