Венеција повторно е во центарот на вниманието поради нов предлог за ограничување на масовниот туризам. Новоизбраниот градоначалник Симоне Вентурини предлага значително зголемување на таксата за еднодневните посетители, која во одредени денови би можела да достигне и до 50 евра.
Според неговиот предлог, цената на влезницата, која сега изнесува меѓу 5 и 10 евра, би се зголемувала во деновите кога градот е најпосетен. Целта е да се намали бројот на туристи кои престојуваат само неколку часа и дополнително го оптоваруваат историскиот центар.
Во моментов, Венеција наплатува такса од 10 евра за краткорочните посетители во вкупно 60 дена од годината, до крајот на јули. Оние што ќе ја резервираат посетата најмалку три дена однапред плаќаат 5 евра.
Иако мерката беше воведена за да се намали притисокот од масовниот туризам, критичарите сметаат дека сегашната цена не е доволна за да ги одврати посетителите.
Сепак, новиот градоначалник не може самостојно да ја донесе оваа одлука. Максималниот износ на таксата е регулиран со националното законодавство, па за евентуално зголемување ќе биде потребна согласност од италијанската Влада.
Во меѓувреме, предлогот веќе предизвика дебата во Италија. Дел од правните експерти предупредуваат дека билет од 50 евра би можел да се толкува како ограничување на слободата на движење, што отвора прашања дали ваквата мерка би можела да биде законски спроведена.







