Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, вечерва во Музејот на современата уметност – Скопје ја одбележа 30-годишнината од воспоставувањето дипломатски односи меѓу Македонија и Соединетите Американски Држави.

Со свеченото отворање на изложбата „Желбата можеби е, би можела да биде, како што секогаш е, блиску до љубовта“, министерот истакна дека културата е најсилниот мост на пријателство, кој создава трајни врски и отвора нови можности за соработка.

На настанот беше нагласена важноста на партнерството со САД во развојот на демократијата, економијата, културата и безбедноста во земјата. Изложбата е реализирана во соработка со Министерството за култура и туризам, Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, Амбасадата на САД, Државниот архив, Кинотека и Националната академија за дизајн од САД.

Министерот Љутков потенцира дека оваа соработка отвора пат за уште поголеми можности за продлабочување на пријателството и партнерството на политички, економски, културен и образовен план.


