Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска одржа обраќање на ESG Adria Summit 2025 во Тиват, каде што ја презентираше стратегијата на македонската влада за развој на енергетската инфраструктура. Таа истакна дека од првиот ден фокусот е на создавање долгорочна енергетска стабилност и економски напредок, преку државни проекти и стимулирање приватни инвестиции.

„Ова не е само ветување – веќе градиме!“, порача Божиновска, посочувајќи ги клучните проекти: модернизацијата на РЕК Битола, изградба на нови соларни и ветерни централи, како и воведувањето на Contract-for-Difference (CfD) механизмот во соработка со Европската банка за обнова и развој (ЕБОР).

Таа додаде дека зелената транзиција мора да биде праведна, поради што владата паралелно вложува и во традиционалните енергетски капацитети и во обновливи извори, како и во развојот на регионални интерконекции.

Божиновска им се заблагодари на сите меѓународни партнери за поддршката и најави продолжување на дијалогот за одржлива енергетска иднина.