Откриени нови резерви на природен гас во Црното Море
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган соопшти дека во Црното Море се откриени нови резерви на природен гас во износ од 75 милијарди кубни метри.
Како што пренесува агенцијата „Анадолија“, Ердоган изјави дека со оваа количина гас Турција ќе може да ја задоволи домашната потрошувачка за приближно три и пол години.
„Откривме нова резерва од 75 милијарди кубни метри природен гас. Со ова количество ќе бидеме во можност да ја покриеме потребата на граѓаните во период од околу три и пол години“, рече Ердоган за време на отворањето на Истанбулската болница за обука и истражување во областа на физикалната терапија и рехабилитација.
Тој додаде дека вчера биле завршени истражувачките активности на бушотината „Гоктепе-3“, чија експлоатација започна на 27 март од страна на турскиот брод за подводни истражувања „Абдулхамид Хан“.
Претседателот ја потенцираше определбата на Турција за постигнување целосна енергетска независност.
„Ќе продолжиме по нашиот пат без запирање, без одмор и без да обрнуваме внимание на критики или пречки – сè додека не ја реализираме нашата цел: целосно енергетски независна Турција“, порача Ердоган.