Царинските инспектори од Секторот за контрола и истраги откриле голема царинска измама при увоз на месо, во вредност од седум милиони денари, покажува најновиот извештај на Царинската управа.
Според информациите, при контрола на 21 увозна пратка од еден увозник, било утврдено дека месото било пријавувано под погрешна тарифна ознака – таква што носи значително пониска царинска стапка, наместо под соодветната ознака со повисока стапка, каква што реално важи за тој вид производ.
Покрај проверката на документите, спроведени се и лабораториски анализи, кои го потврдиле обидот за измама. Како резултат на тоа, Царинската управа поднесе кривична пријава против сторителите и донесе решенија за дополнителна наплата на избегнатите давачки, во вкупна вредност од седум милиони денари.
Од институцијата најавуваат дека ќе продолжат со засилени мерки за заштита на финансиските интереси на државата, како и за обезбедување фер конкурентност на пазарот, особено кај чувствителни производи како што е месото.