Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски истакна дека транспортниот сектор бележи раст од 6,1%, што укажува на развојот на индустријата, но и на простор за понатамошен раст. Тој потенцира дека Владата презема краткорочни и долгорочни мерки за олеснување на работата на транспортерите, како и реализира големи капитални проекти кои директно влијаат на развојот на секторот.
Николоски нагласи дека Македонија ќе ја искористи својата позиција како стратешка крстосница на Пан-Европските коридори 8 и 10, со развој на патната и железничката инфраструктура. Во план се реконструкција на автопатот на Коридорот 10, изградба на обиколницата на Скопје, реализација на Коридорот 10-д до границата со Грција и завршување на автопатот Кичево-Охрид.
Дополнително, се работи на мултимодален јазол во Трубарево, кој ќе служи како „суво пристаниште“ за робата што доаѓа од Атина и Солун, со што Македонија ќе го заземе приматот во логистичките операции во регионот.
Средбата со транспортерите беше организирана од МАКАМ ТРАНС, на која се презентираа условите и критериумите за распределба на транспортните дозволи.