Владата разгледува можност од 2026 година повластениот ДДВ за купување станови, кој сега изнесува 5%, да биде укинат и да се врати на редовните 18%. Министерството за финансии прави анализи дали по Нова година ќе има продолжување на сегашната мерка или пак ќе следи зголемување кое би донело сериозен удар за купувачите, но и значителен прилив во буџетот.
Намалената даночна стапка беше воведена во 2010 година како привремено антикризно решение со рок од пет години, но речиси секоја година се продолжуваше. Последната одлука беше донесена во 2023 година и важи до крајот на 2025-та.
Доколку данокот навистина скокне, цените на становите кои и сега се движат и над 2.000 евра за квадратен метар во повеќе населби, ќе станат уште понедостапни. За многу граѓани купувањето сопствен дом е тешко изводливо дури и со банкарски кредити, и покрај тоа што каматите во некои банки се ниски.
Како евентуална олеснителна мерка властите размислуваат повторно да го активираат проектот „Купи куќа, купи стан“, наменет за младите, но во изменета форма.