ПРВ.мк
Економија

Храната и енергијата продолжуваат да поскапуваат: Светот го чека уште тежок период

Храната и енергијата продолжуваат да поскапуваат: Светот го чека уште тежок период

Глобалната економија продолжува да чувствува силен притисок поради конфликтите на Блискиот Исток и енергетската криза што започна кон крајот на февруари. Растот на цените на енергијата веќе директно се прелева и врз цените на храната, кои на светските берзи достигнаа највисоко ниво во последните 22 месеци.

Според анализите на Светската банка, цените на прехранбените производи во првиот квартал од 2026 година пораснале за околу пет проценти во споредба со претходниот квартал. Најголем раст бележат пченицата, растителните масла и говедското месо.

Цената на пченицата пораснала за 28 проценти од почетокот на годината, додека сојата и палминото масло исто така бележат сериозни поскапувања. Дополнителен притисок создава и зголемената употреба на земјоделски култури за производство на биогорива, особено во САД.

Светската банка предупредува дека високите цени на нафтата и ѓубривата продолжуваат да го зголемуваат трошокот за производство на храна. Според проценките, цените нема наскоро да се вратат на старите нивоа, а најмногу што се очекува е стабилизирање во текот на 2027 година.

Во извештајот се наведува дека продолжен конфликт и цена на нафтата над 100 долари по барел би можеле дополнително да ја влошат глобалната криза со храна и да турнат уште милиони луѓе во сиромаштија и глад.

Иако дел од производите како какаото, кафето и шеќерот бележат благо поевтинување, најголемиот дел од основните прехранбени производи продолжуваат да растат, што значи дека светот влегува во период на долгорочен ценовен притисок и неизвесност.