Европската унија испраќа сериозно предупредување дека енергетската криза предизвикана од конфликтите на Блискиот Исток нема да биде краткотрајна, туку може да трае со месеци, па дури и подолго. Според европскиот комесар за енергија Ден Јергенсен, Брисел веќе се подготвува за најлошите сценарија, вклучително и можноста за рационирање на горивото и дополнително користење на стратешките резерви.
Причината за ваквите проценки лежи во сериозните нарушувања на енергетските пазари, особено поради заканите околу Ормутскиот теснец и нападите врз инфраструктурата во Персискиот Залив. Овие случувања предизвикаа нагло зголемување на цените на енергенсите и отворија страв од потенцијални недостиг на клучни ресурси.
„Ова ќе биде долгорочна криза и цените ќе останат високи подолг период“, предупредува Јергенсен, додавајќи дека за одредени критични производи ситуацијата може дополнително да се влоши во наредните недели. Иако во моментов ЕУ не се соочува со директен недостиг, институциите веќе подготвуваат стратегии за справување со долгорочните последици.
Енергетскиот шок веќе има пошироки економски ефекти – се очекува раст на инфлацијата, забавување на економијата и потреба од државна поддршка за граѓаните и бизнисите. Дел од земјите дури размислуваат за повторно активирање на електрани на јаглен како алтернативен извор.
Брисел засега не воведува ограничувања за гориво, но ги анализира сите можни мерки. Јергенсен не ја исклучува ни опцијата за ново ослободување на стратешките резерви на нафта доколку состојбата дополнително се влоши.
Пораката од ЕУ е јасна – иако кризата сè уште не е на врвот, подготовките веќе се во тек, бидејќи најтешките последици можеби допрва доаѓаат.










