Законот за енергетика денес го мина второто читање пред собраниската комисија за економски прашања, труд и енергетска политика, со прифатени амандмани од сите пратенички групи. Со ова, законското решение влегува во финалната фаза — пленарна седница и очекувано донесување.
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, порача дека новиот Закон е едно од најзначајните усогласувања со европската енергетска регулатива и претставува голем чекор напред за земјата.
„Создаваме либерализиран и транспарентен пазар, со поголема заштита и избор за потрошувачите. Го отвораме патот за зелена транзиција и нови технологии,“ истакна Божиновска, нагласувајќи ја заложбата на Министерството за изградба на модерен и ефикасен енергетски систем.
Со новиот закон, државата се доближува до исполнување на европските цели за енергетска безбедност, одржлив развој и технолошка иновација во енергетиката.