Трошоците за живот и понатаму остануваат високи, а најновите пресметки покажуваат дека на едно четиричлено семејство во Македонија во јуни му биле потребни 68.654 денари за покривање на основните месечни потреби.
Според податоците на Сојузот на синдикати на Македонија, доколку семејството живее под кирија во стан од 60 квадратни метри, потребните средства се зголемуваат на дури 84.024 денари месечно.
Иако синдикалната кошница во јуни е пониска за 88 денари во споредба со мај, разликата е минимална и речиси незабележлива за домашниот буџет.
Најголем дел од средствата повторно одат за храна, за која во јуни биле потребни најмалку 25.120 денари. Дополнително, за режиски трошоци, како струја, вода и други давачки, граѓаните требало да издвојат 6.379 денари.
Податоците уште еднаш покажуваат дека трошоците за живот остануваат сериозен предизвик за голем број семејства, особено за оние со пониски приходи.









