ПРВ.мк
Економија

Купувате од Тему и АлиЕкспрес? Од 1 јули следуваат нови давачки

Купувате од Тему и АлиЕкспрес? Од 1 јули следуваат нови давачки

Европската Унија од 1 јули воведува нови правила за малите пратки кои пристигнуваат од земји надвор од ЕУ, со што ќе престане досегашното ослободување од царина за пратки во вредност до 150 евра. Новата мерка најмногу ќе ги погоди купувачите кои нарачуваат преку платформите Тему, Шеин и АлиЕкспрес.

Според новите правила, за секоја категорија производи во пратката ќе се наплаќа фиксна царина од три евра. Доколку пакетот содржи повеќе производи од ист тип, ќе се плаќа една такса. Но ако во една нарачка има различни категории производи, како облека, накит и додатоци за телефони, за секоја категорија ќе се пресметува посебна давачка, што може значително да ја зголеми крајната цена.

Покрај тоа, во текот на годината се разгледува и воведување дополнителна такса за обработка на пратките.

Иако Македонија не е членка на Европската Унија и веќе има свои правила за оданочување на ваквите пратки, експертите оценуваат дека новите европски мерки би можеле индиректно да влијаат и врз домашните купувачи. Дел од пратките за Македонија минуваат низ европски логистички центри, па повисоките трошоци би можеле да се одразат и врз цената на испораката.

Европската комисија ја оправдува оваа мерка со потребата од подобра контрола на увозот, заштита на европските трговци од нелојална конкуренција и поголема безбедност на производите што пристигнуваат од трети земји. Според податоците, во ЕУ секојдневно пристигнуваат милиони мали пратки, од кои најголемиот дел доаѓаат од Кина.

Новите правила ќе важат за сите пратки што влегуваат на територијата на Европската Унија од 1 јули 2026 година.