Тешка сообраќајна несреќа на индонезискиот остров Јава заврши со трагичен биланс, откако пикап кој превезувал свадбени гости бил удрен од два камиони. Во несреќата животот го загубиле 13 лица, додека петмина други биле повредени.
Несреќата се случила на прометен автопат во близина на селото Кијаран Кулон, во областа Индрамају, додека групата патници се враќала од свадбена прослава во соседното село Пареан.
Според информациите од локалната сообраќајна полиција, пикапот во кој се наоѓале гостите имал отворен товарен простор. Возилото забавило и застанало на разделната лента на автопатот со цел да направи полукружно свртување, кога одзади во него удрил камион кој се движел во истата насока.
Од силниот удар, пикапот бил отфрлен кон спротивната коловозна лента, каде што следувал уште еден тежок судир со друг камион.
„Од ударот пикапот бил исфрлен во спротивната коловозна лента, каде што повторно бил удрен од друг камион. Силниот судир исфрлил повеќе од десетина луѓе од возилото на автопатот“, изјавил началникот на локалната сообраќајна полиција, Унданг Сариф Хидајат.
Петмина преживеани од несреќата веднаш биле пренесени во болница, каде им била укажана медицинска помош. Засега не се објавени дополнителни информации за нивната здравствена состојба.
Полицијата започнала истрага за да ги утврди точните причини што довеле до несреќата и да се утврди дали имало пропусти од страна на некој од учесниците во сообраќајот.
Тешките сообраќајни несреќи се честа појава во Индонезија, каде што надлежните често укажуваат на проблемите со преоптоварени возила, недоволна патна безбедност и непочитување на сообраќајните правила како фактори кои придонесуваат за голем број трагични случаи.








