Бугарската новинска агенција БГНЕС објави снимка на која, според нивните наводи, се гледа моментот кога непознато лице ги запалува двата службени автомобили на бугарската амбасада во Скопје.
На видеото се забележува маж кој мирно се приближува до паркираните возила, врз нив истура запалива течност и потоа се оддалечува без да покаже знаци на паника или брзање.
Од БГНЕС тврдат дека лицето дејствувало целосно смирено, а во описот на снимката се наведува и дека во близина на амбасадата имало припадници на македонското Министерство за внатрешни работи, но според нивните тврдења не била забележана непосредна реакција.
Во објавата се наведува и дека дипломатите од амбасадата сами почнале да го гаснат пожарот на возилата, додека противпожарната екипа пристигнала подоцна на местото на настанот.
Инцидентот предизвика реакции и од македонските институции. Владата, како и Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, го осудија случајот и побараа целосно расчистување на настанот.
Надлежните органи работат на утврдување на сите околности и идентификација на сторителот.






