На 86-годишна возраст почина македонската поетеса Македонка Јанчевска, авторка која остави значаен белег во литературата за деца.
Во текот на својата плодна кариера, таа објави 13 книги и создаде бројни збирки поезија наменети за најмладите, како и текстови за детски песни кои ги одбележаа детствата на многу генерации.
Јанчевска долги години беше активно вклучена во културниот живот, особено преку организацијата на Детските Рацинови средби. Таа исто така ја извршуваше функцијата директорка на Пионерскиот дом „Ѓоре Органџиев“.
За својата работа добитник е на повеќе признанија, меѓу кои општинската награда „9 Ноември“ и наградата „Коле Неделковски“, доделена од Клубот на писатели „Коста Солев Рацин“, каде што беше и член. Беше дел и од Друштвото на писатели на Македонија.
Нејзиното творештво продолжи да живее и на сцената, па така во 2021 година, врз основа на нејзина поема, велешкиот театар подготви детска претстава „Шумска болница“, која беше претставена и како сликовница.
Погребот ќе се одржи во Понеделник во 12 часот во црквата „Св. Пантелејмон“.







