Четири лица го загубија животот во одделни трагични случаи регистрирани во полициските билтени изминатиот викенд. Две лица биле пронајдени починати во Скопје и Штип, додека две сообраќајни несреќи со смртни последици се случиле во Гостиварско и Ресенско.
Во скопски Карпош, синоќа околу 20:30 часот, во стан била пронајдена почината Е.Д. (45) од Скопје. Лекар од Итната медицинска помош констатирал смрт, а по насока на јавен обвинител телото било предадено на обдукција.
Во Штип, пак, во сопствениот дом бил пронајден починат А.П. (38). Лекар констатирал смрт без видливи траги на насилство, а по наредба на јавен обвинител телото било предадено на обдукција.
Трагичен биланс има и на македонските патишта. На 8 август околу 17:10 часот, на магистралниот пат Гостивар – Кичево се судриле „пежо“, управувано од Н.С. (34) од Маврово, и „опел астра“, управувана од Ѓ.П. (63) од Скопје.
Шеесет и тригодишниот возач починал на местото на несреќата, додека 34-годишниот возач на „пежото“ бил пренесен со тешки телесни повреди во Ургентниот центар во Гостивар.
Уште една трагедија се случила истиот ден, околу 05:45 часот, на влезот во ресенското село Брајчино. В.Т. (44) од Љубојно изгубил контрола над мотоциклот што го управувал и излетал од патот. Од здобиените повреди починал на местото.
Во случаите бил извршен увид од надлежните служби.







