Од јули 2024 година до денеска, царинските служби спречиле влез на вкупно 246 илегални мигранти во земјава.
Според директорот на Царинската управа, Бобан Николовски, мобилните царински тимови и К9 единиците само во текот на оваа година учествувале во 41 заедничка акција со Министерството за внатрешни работи.
Николовски ги презентирал податоците на оперативен состанок на Заедничката група за миграција, организиран од Бирото за јавна безбедност.
Според него, најголем дел од лицата чиј влез бил спречен потекнувале од Египет, Судан, Пакистан, Иран, Ирак и Сирија.
Тој оцени дека резултатите ја покажуваат важноста на координацијата меѓу институциите во справувањето со илегалната миграција, криумчарењето и организираниот криминал.
Николовски нагласи дека активностите на македонските царински служби не се однесуваат само на заштита на домашната граница, туку, според него, придонесуваат и за безбедноста на европските граници преку навремено откривање на ризиците.
Посебно ја истакна важноста на брзата размена на информации, изработката на заеднички профили на ризик и координираното постапување меѓу надлежните институции.
Според директорот на Царината, токму овие механизми овозможуваат потенцијалните ризици да бидат откриени уште пред да стигнат до границата.
„Криминалот не мирува, не чека и не познава граници“, порача Николовски.
Тој најави дека Царинската управа ќе продолжи со зајакнување на своите капацитети и со продлабочување на соработката со МВР, БЈБ, Јавното обвинителство, како и со царинските и безбедносните служби од регионот.
На состанокот било констатирано и дека земјата бележи напредок во справувањето со современите безбедносни предизвици, вклучително и трговијата со луѓе и криумчарењето мигранти.
Овие активности, како што беше посочено, имаат значење и во рамки на евроинтегративниот процес на државата.







