Страшна семејна трагедија ја потресе Хрватска, откако во селото Стари Микановци, во близина на Винковци, била пронајдена мртва жена со повреди на телото, а нејзиниот сопруг бил ставен под полициски надзор.
Според хрватските медиуми, станува збор за повозрасен маж кој, по трагичниот настан, наводно сам ѝ признал на сосетката дека ја убил сопругата и побарал од неа да ја повика полицијата.
Сосетката за „24сата“ раскажала дека претходно во текот на попладнето се дружеле, по што се вратила дома да се одмори.
„Испив таблета и легнав пред телевизорот за да заспијам, но во еден момент ме разбуди силно тропање“, раскажала таа.
Кога прашала кој тропа на прозорецот, го слушнала гласот на соседот, кој ја повикал да излезе до портата.
„Ми рече дека ја убил сопругата и ме замоли да ја повикам полицијата“, изјавила сосетката за хрватските медиуми.
По пријавата, полицијата пристигнала на местото на настанот и во станот пронашла безживотно тело на жена со видливи повреди.
Мажот бил ставен под полициски надзор поради сомневање дека е поврзан со нејзината насилна смрт.
Надлежните служби спроведуваат криминалистичка истрага за да утврдат што точно се случило и под кои околности настапила смртта.
Засега не се соопштени дополнителни официјални информации за мотивот и начинот на кој жената починала.









