Бразилската јавност е потресена по трагичната смрт на младата Кауана, која животот го загубила во Дубаи, каде што последните две години живеела и работела.
Според информациите што ги пренесуваат бразилските медиуми, несреќата се случила на 7 јули. Нејзиниот вујко изјавил дека Кауана паднала од балконот на станот во кој живеела во Обединетите Арапски Емирати.
Околностите под кои дошло до падот сè уште не се целосно разјаснети, а надлежните органи продолжуваат со истрагата за да утврдат што точно се случило.
Нејзината мајка Дарла Биљар веднаш отпатувала во Дубаи за да биде покрај својата ќерка, да ги следи истражните постапки и да помогне во организацијата за пренесување на телото назад во Бразил.

Од бразилското Министерство за надворешни работи информирале дека случајот внимателно се следи преку дипломатските канали и дека Амбасадата на Бразил во Абу Даби му обезбедува конзуларна поддршка на семејството во овој тежок период.
Неколку дена по трагедијата, мајката на Кауана се огласи преку социјалните мрежи со емотивна порака, во која откри дека семејството минува низ најтешките моменти од својот живот.
Дарла објаснила дека решила јавно да зборува бидејќи нејзината ќерка повеќе нема можност сама да се брани од коментарите, обвинувањата и различните приказни што почнале да се појавуваат по нејзината смрт.
„Морам да гледам како се осудува, изложува и не се почитува споменот на мојата ќерка од луѓе кои воопшто не ја познаваа. Лесно е да се суди кога болката е туѓа. Тешко е да се замисли низ што поминува нашето семејство“, изјавила мајката.
Таа нагласила дека Кауана заслужува достоинство и почит, додавајќи дека само луѓето кои навистина ја познавале знаат каква личност била, кои биле нејзините соништа и колку љубов и човечност носела во себе.
Дарла упатила апел и до медиумите да известуваат внимателно и одговорно, без ширење непроверени информации кои можат дополнително да ја зголемат болката на семејството.
До јавноста таа побарала повеќе разбирање и сочувство, особено во моменти кога трагедијата сè уште се истражува.
„До сите што шират гласини или изнесуваат мислења без да ги знаат фактите, имам само една порака – покажете сочувство. Денес е мојата ќерка, утре може да биде некој што го сакате“, порача Дарла.
Истрагата за трагичниот случај во Дубаи продолжува, а конечните одговори за причините и околностите на несреќата се очекуваат по завршувањето на сите проверки од страна на надлежните институции.








