Трагичен настан се случил во Студеничани, скопско, каде 35-годишен маж го загубил животот по инцидент во двор на куќа.
Според информациите од СВР Скопје, на 16 септември 2026 година околу 11:40 часот било пријавено дека Х.Б. (35) од Студеничани дошол во двор на куќа во сопственост на А.С. (56), со намера да ја земе машината за перење возила и да го измие автомобилот.
При земањето на машината, 35-годишникот паднал, при што постои сомнение дека претходно доживеал струен удар.
На местото било повикано возило на Итната медицинска помош, со кое Х.Б. бил пренесен во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје.
И покрај укажаната медицинска помош, тој починал во клиниките. Лекар ја констатирал смртта.
По насоки на јавен обвинител, телото на починатиот било предадено во Институтот за судска медицина, каде што ќе биде извршена обдукција за утврдување на точната причина за смртта.
Полицијата работи на целосно расчистување и документирање на случајот.








