Утрово околу 9:30 часот на улицата „Академик Пенчо Давчев“ кај Речани, во близина на базата на „Македонија пат“, се случила тешка сообраќајна несреќа во која автомобил излетал од коловозот и удрил во дрво.
Во возилото се наоѓал само возачот, кој се здобил со тешки повреди на главата. На местото веднаш интервенирале екипи на Итната медицинска помош и Територијалната противпожарна единица Велес.
„Постапивме по повикот и затекнавме едно лице со тешки повреди на главата. Дадовме итна терапија и го пренесовме во Ургентниот центар при велешката болница,“ изјави д-р Славица Нешова Пановски од Итната помош.
Пожарникарите го извлекле возачот од возилото, кое било силно оштетено. „Излеговме со едно противпожарно возило и двајца пожарникари-спасители. Возилото беше обезбедено, а повредениот извлечен и предаден на медицинските служби,“ соопштија од ТППЕ Велес.
По направените снимања во болницата во Велес, лекарите констатирале тешки повреди на главата, по што возачот бил интубиран и итно пренесен во приватна клиника во Скопје за понатамошен третман, потврди д-р Ванчо Граматов од велешката болница.
Полицијата изврши увид на местото на настанот, а причините за излетувањето на возилото сè уште се испитуваат.
















