Државното обвинителство во Вараждин поднесе жалба на првостепената пресуда со која 40-годишен маж и 35-годишна жена беа осудени на по 17 години затвор поради кршење на правата на нивните три деца, од кои две починале.
Обвинителството смета дека изречените казни се прениски во однос на тежината на сторените дела и од повисокиот суд бара да бидат изречени построги затворски санкции, пренесува хрватски „Индекс“.
Окружниот суд во Вараждин претходно ги прогласил обвинетите за виновни за сите кривични дела сторени во периодот од јули 2020 до декември 2024 година во местото Љубље Калнички, во близина на Нови Мароф.
Двајцата биле осудени за две кривични дела кршење на правата на дете со смртни последици, како и за уште едно дело поврзано со кршење на правата на дете.
Во жалбата, Обвинителството наведува дека изречените казни не соодветствуваат на тежината, начинот и времетраењето на сторените дела, поради што бара повисокиот суд да определи построги казни.
Случајот ја потресе јавноста во Хрватска откако во есента 2024 година биле пронајдени телата на две бебиња во дворот на семејната куќа.
Третото дете во тој момент било згрижено од страна на Центарот за социјална работа.
Во текот на истрагата биле утврдени околности според кои семејството живеело во голема изолација. Децата биле раѓани во домашни услови, не биле заведени во матичните книги и, според сознанијата од истрагата, не биле носени на лекар.
Дополнително, според досегашните сознанија, таткото соработувал со организација која се занимавала со промоција на алтернативно и природно лекување.
Обвинетите и понатаму се наоѓаат во притвор до правосилноста на пресудата, додека за понатамошниот тек на случајот ќе одлучува повисокиот суд по поднесената жалба.






