Најмалку 16 Палестинци, меѓу кои пет деца, го загубиле животот откако во текот на ноќта се урнала повеќекатна станбена зграда во градот Газа.
Уште 14 лица биле повредени, додека спасувачките екипи продолжуваат да трагаат по десетици луѓе за кои се стравува дека останале заробени под урнатините.
Палестинската Цивилна заштита во средата соопшти дека зградата се урнала во текот на ноќта, при што бројот на загинати достигнал најмалку 16 лица.
Снимките од местото покажуваат спасувачи и локални жители како заеднички ги пребаруваат урнатините, во обид да ги пронајдат преживеаните. Поради недостигот на соодветна опрема и тешка механизација, дел од жителите со голи раце отстранувале делови од урнатата конструкција.
Според сведочењата и снимките кои биле верификувани од „Ал Џезира“, од под урнатините можеле да се слушнат повици за помош, вклучително и гласови на деца.
На една од снимките се гледа како спасувачите извлекуваат живо девојче од урнатините. Од урнатата зграда биле спасени и други лица, меѓу кои и мали деца, кои веднаш биле пренесени со возила на итната медицинска помош.
Палестинската Цивилна заштита тврди дека зградата претходно била директно погодена во израелски напади, поради што нејзината конструкција била ослабена и на крајот дошло до уривање.
Во текот на војната во Газа, илјадници станбени и други објекти биле оштетени или целосно уништени, што дополнително го зголемува ризикот од уривање на ослабените конструкции.
Расчистувањето на урнатините и спасувањето на преживеаните е отежнато и поради ограничениот пристап до градежен материјал и тешка механизација, што според извештаите го забавува санирањето на оштетените објекти и отстранувањето на урнатините.
Спасувачките екипи продолжуваат со пребарувањето на местото, додека бројот на жртвите и точниот број на лица кои сè уште се водат како исчезнати може да се промени.





