ПРВ.мк
Црна Хроника

СТРАВИЧЕН ПОЖАР ВО ДОМ ЗА ДЕЦА: Најмалку 11 лица го загубија животот, десетици се повредени!

СТРАВИЧЕН ПОЖАР ВО ДОМ ЗА ДЕЦА: Најмалку 11 лица го загубија животот, десетици се повредени!

Тешка трагедија го потресе Алжир, откако во пожар што избувнал во дом за деца во главниот град на земјата загинале најмалку 11 лица, додека 19 други се повредени, соопштија надлежните служби.

Според информациите од Службата за цивилна заштита, пожарот избувнал околу 3:30 часот изутрина во објект лоциран во населбата Мохамедија, предградие на Алжир.

И покрај брзата интервенција на спасувачките екипи, огнената стихија однела човечки животи, а голем број лица биле извлечени и пренесени на лекување.

Меѓу повредените има 10 лица со изгореници од различен степен, две лица кои се пожалиле на проблеми со дишењето поради чадот, како и седум лица кои доживеале силен психолошки шок.

Од објектот биле безбедно евакуирани и пет лица со посебни потреби, кои навреме биле извлечени од опасната зона.

Во гаснењето на пожарот учествувале голем број спасувачки екипи, меѓу кои 10 противпожарни возила, 16 амбулантни возила, специјализиран тим за интервенции на тежок терен и две механички скали, со поддршка од Националната единица за обука и интервенција.

Надлежните соопштија дека акцијата за целосно локализирање на пожарот и обезбедување на местото продолжува, додека причините за избувнувањето на огнената стихија засега не се официјално соопштени.

Институциите најавија истрага која треба да ги утврди околностите што довеле до оваа трагедија.