ПРВ.мк
Црна Хроника

Страшни сознанија: Деца организирано се носат да питачат, девојчиња наводно се сексуално злоупотребувани

Страшни сознанија: Деца организирано се носат да питачат, девојчиња наводно се сексуално злоупотребувани

Загрижувачки информации за организирана злоупотреба на деца за питачење, но и сомнежи за сексуална експлоатација на малолетни девојчиња, се појавија во Охрид и Струга, каде што надлежните институции преземаат мерки за спречување на оваа појава.

Илија Јовановиќ од невладината организација „Градиме иднина“ тврди дека деца организирано се носат од повеќе македонски градови, меѓу кои Тетово, Гостивар, Битола, Прилеп, Велес, Кичево и Дебар.

Според неговите информации, во Охрид има меѓу 20 и 30 лица кои питачат, меѓу кои и новороденчиња и малолетници. Слична е состојбата и во Струга, каде што се евидентираат меѓу 15 и 30 питачи.

Особено вознемирувачки се тврдењата дека одредени девојчиња се сексуално експлоатирани, при што наводно се користат и изнајмени апартмани. Овие сознанија допрва треба да бидат потврдени од надлежните институции.

Јовановиќ тврди дека некои деца поминуваат и по осум часа дневно на улица, заработувајќи од 3.000 до 5.000 денари од питачење.

Според него, организаторите ги земаат парите, додека децата добиваат само 10 до 30 денари, а дел од нив се изложени и на физичко насилство.

Од организацијата посочуваат дека преку петгодишниот проект бројот на деца кои питачат низ Македонија е намален од околу 2.000 на приближно 700.

Во акциите се вклучени полицијата и социјалните служби, а во случаи на утврдена злоупотреба се поднесуваат и кривични пријави.

Надлежните и граѓанските организации нагласуваат дека долгорочното решение подразбира заштита на децата, нивно вклучување во образованието и отворање дневни центри за поддршка.